Одиме на Занзибар, Hakuna Matata! Кога ќе дојдете овде, заборавете на сé! Релаксирајте се и препуштете се на магијата на тропскиот рај, звуците на брановите, топлата вода на океанот, прашкасто белиот песок, звуците на природата испрекинати со по некој силен и тап звук – удар на кокос кој паѓа на земјата и мирисот на цимет и ванила кои владеат на овој остров. Морските плодови ви се на дофат на рака, а природата, водениот и подводниот свет кои ве опкружуваат се фасцинантни. Занзибар пред сé е остров со прекрасни, насмеани и неверојатно опуштени луѓе. Тука сé е во насмевката, така што не заборавајте дека и вие треба да бидете насмеани :)!

Од каде да почнеме? Посебна магија има престолнината Стоун Таун (Stone Тown), кошница која никогаш не спие, каде сé е различно, забрзано, живо, шарено и фасцинантно. Kолевка на културата и вековната традиција, град на бродови и раскошни палати, град со арапски градби и британски вили, сé едно со друго, збиено со брегот на Индискиот океан. Неизоставни знаменитости на ова шармантно гратче се куќата на Фреди Меркјури, Арапската тврдина, Куќата на чудата и секако, локалниот пазар за зачини. На северниот дел на островот каде сме сместени се наоѓаат најубавите плажи – Кендва (Kendwa) и Нунгви (Nungwi), а тука е и бисерот на истокот, местото Паџе (Paje), каде можете да пробате kite surfing. Посебна магија има и местото Мичамви (Michamvi) во кој се наоѓа познатиот ресторан и нашата омилена chill зона – Kae funk beach bar.

Добредојовте во рајот!